Борг: Ѓоковиќ е најдобриот на сите времиња, Федерер и Надал го делат второто место

Ако играл колку што играле другите големи асови, Бјерн Борг можеби денеска ќе беше најголемиот шампион на сите времиња. Но, тоа не го спречува искрено да каже кој е според него најдобриот во историјата.

– Новак Ѓоковиќ е најголемиот што некогаш ја играл оваа игра – рече во интервју за Скај ТВ. – Роџер Федерер и Рафаел Надал го делат второто место. Неверојатно е како Ѓоковиќ игра на 38 години. Многу сум импресиониран.

Борг последниве денови дава многу интервјуа бидејќи е во тек кампањата за промоција на неговата автобиографија.

Швеѓанецот знае кој е најголемиот цел на Новак до крајот на кариерата.

– Знам дека сака да го освои 25-от грен слем, но ќе му биде многу тешко со Карлос Алкарас, Јаник Синер и останатите од врвот. И покрај тоа, мислам дека може да успее. Се надевам дека ќе може да игра барем уште една година.