Чимаев со технички туш 10-0 го совлада Вајдман во Абу Даби

Хамзат Чимаев
Фото: MMAnytt / Wikimedia Commons (CC BY 3.0)

Хамзат Чимаев го совлада поранешниот шампион на УФЦ, Крис Вајдман, со технички туш 10-0 во главниот меч на приредбата на РАФ во Абу Даби и ја освои титулата во полутешката категорија, пренесува ММА Фајтинг.

Вајдман во последен момент го замени Колби Ковингтон, кој се откажа од натпреварот. Чимаев доминираше од почетокот и уште во првиот период поведе со 5-0 по соборување и превртувања на ривалот.

Во вториот период Вајдман се обиде да се провлече зад противникот, но Чимаев ја сврте ситуацијата во своја корист и освои четири поени. Таборот на Американецот побара проверка на одлуката, но приговорот беше одбиен, со што Чимаев доби уште еден поен и натпреварот заврши со 10-0.

„Чувството е одлично, неверојатно. Кој и да сака, рвање, борба или граплинг, не е важно. Јас секогаш сум подготвен“, изјави Чимаев по победата.

Ова беше првата приредба на РАФ на Блискиот Исток, одржана пред полна „Етихад арена“, пишува Галф њуз. Чимаев, кој живее во Обединетите Арапски Емирати, настапи под знамето на оваа земја. И тој и Вајдман во минатото беа шампиони на УФЦ во средната категорија.

Во вториот главен меч на вечерта Арман Царукјан уште во првиот период го совлада Нејман Грејси со технички туш 10-0. Најголемото изненадување го приреди 21-годишниот Грузиец Саба Лазишвили, кој го замени Умар Нурмагомедов и по пресврт го победи Јурија Фејбер со 12-7.

Мераб Двалишвили го совлада Марлон Мораес со туш по една минута и 30 секунди, а Дијана Авсарагова со туш ја победи Џулијана Пења, наведува ММА Фајтинг. Двалишвили и Лазишвили настапија неколку дена откако во средата беа нападнати од повеќе лица во лобито на хотелот.