Играчот од средниот ред на Реал Мадрид, Орелиен Чуамени, ја напушти репрезентацијата на Франција поради повреда на десниот адуктор и нема да игра на натпреварите од Лигата на нациите против Италија и Турција, пренесува Еспн.
„Орелиен Чуамени повторно чувствува болка во десниот адуктор, како и минатото лето за време на Светското првенство. Болката ја чувствува уште од пристигнувањето во Клерфонтен. Имајќи ја предвид неговата медицинска историја и по разговорот со медицинскиот штаб на Реал Мадрид, медицинската служба на репрезентацијата, во договор со играчот, одлучи да го врати во клубот“, се наведува во соопштението на Француската фудбалска федерација, пренесува Спортс моул.
Чуамени ја помина ноќта со екипата, а во средата заминува за Мадрид. Селекторот Зинедин Зидан одлучи да не повика замена.
Станува збор за истиот проблем поради кој 26-годишниот фудбалер ги пропушти натпреварите со Парагвај и Мароко на Светското првенство. Чуамени го немаше ниту на првиот список на Зидан во септември, а за време на викендот беше стартер во победата на Реал со 3-0 во Валенсија, наведува Ле Паризјен.
Последниот натпревар за Франција го одигра во полуфиналето на Светското првенство, во поразот од Шпанија со 0-2 пред четири месеци.
Чуамени не е единствениот што го напушти кампот. Напаѓачот на Интер, Маркус Тирам, се повреди во победата над Комо со 2-0 и беше заменет со Ели Џуниор Крупи од Борнмут, а наместо Пјер Калулу беше повикан Саел Кумбеди, пишува Гет френч футбол њуз.
Зидан веќе беше без Вилијам Салиба, Жил Кунде, Максанс Лакроа, Ману Коне, Усман Дембеле и Естебан Лепол. Во средниот ред сега ги има на располагање Едуардо Камавинга, Ворен Заир-Емери, Адриен Рабио и Лукас Да Куња.
Франција е прва во групата со 10 бода од четири натпревари. Во четврток гостува кај Италија во Милано, а три дена подоцна ја пречекува Турција.
















