Поранешниот фудбалер на Манчестер Сити и шпански репрезентативец Давид Силва се враќа на теренот три години по завршувањето на кариерата. Клубот Суприм Ша Тин од Премиер лигата на Хонг Конг во среда објави дека 40-годишниот Шпанец потпишал краткорочен договор, пренесе BBC Sport.
„Многу сум возбуден што одам во Хонг Конг да уживам во локалната култура, во храната во Ша Тин и, се разбира, во фудбалот во Хонг Конг“, рече Силва во видео објавено на социјалните мрежи на клубот.
Силва ја заврши кариерата во јули 2023 година, откако за време на летните подготовки со Реал Сосиедад доживеа кинење на предните вкрстени лигаменти на левото колено. Во Шпанија се врати во 2020 година и со Сосиедад го освои Купот на кралот.
Дебито можно уште овој месец
„Давид Силва наскоро ќе биде во Хонг Конг за да се смести, да се приклучи на тренинзите со екипата и да ја изгради натпреварувачката форма пред дебито“, соопшти клубот. Сопственикот Џим Вонг Чи-чуен за South China Morning Post изјави дека Силва би можел да дебитира против Хонг Конг ФК на 18 октомври, а доколку тоа е прерано, алтернатива е натпреварот со БЦ Ренџерс на 7 ноември.
Суприм Ша Тин е новајлија во елитата на Хонг Конг и по четири кола е осми во лигата со 11 клубови. Екипата ја почна сезоната со победа над Истерн, а потоа доживеа три последователни порази. Оваа недела за нов тренер беше назначен Англичанецот Том Балантајн.
Легенда на Сити
Силва во Манчестер Сити пристигна од Валенсија во 2010 година и во десет сезони освои 11 големи трофеи, меѓу кои четири титули во Премиер лигата, два ФА купа и пет Лига купа. Одигра 436 натпревари и постигна 77 гола, а клубот му подигна статуа пред стадионот „Етихад“.
Со Шпанија одигра 125 натпревари и ги освои Европското првенство 2008, Светското првенство 2010 и Европското првенство 2012 година, кога беше меѓу стрелците во финалето против Италија, добиено со 4-0.
















