Лука Дончиќ одигра уште еден незаборавен натпревар во НБА лигата. Словенечкиот кошаркар постигна 45 поени, имаше 15 скока, шест асистенции и пет украдени топки во победата на Лос Анџелес Лејкерс над Торонто со 131-125, пренесува Асошиејтед прес.
Дончиќ шутираше 12 од 23 од игра, од кои осум од 12 за три поени, а ги погоди сите 13 слободни фрлања. На паркетот помина 35 минути.
Според Ју-Ес-Еј тудеј, Дончиќ е првиот играч во историјата на НБА кој на еден натпревар забележал најмалку 45 поени, 15 скока, пет асистенции, пет украдени топки и пет погодени тројки.
Словенецот се истакна и во одбраната. Освен петте украдени топки, тој изнуди и три напаѓачки фаула, а според Ес-Пи-Ен, ниту еден играч не го направил тоа на еден натпревар откако во сезоната 2013/14 почна следењето на ваквата статистика. Тренерот Џеј Џеј Редик и центарот Вокер Кеслер по натпреварот особено ја пофалија неговата одбрана.
Ова беше четврти последователен натпревар на кој Дончиќ постигна најмалку 37 поени, а трет со над 40 поени во последните четири натпревари. Со просек од 37,7 поени, тој е најдобар стрелец во лигата. Кај Лејкерс, Остин Ривс додаде 19 поени, а Кеслер имаше 16 поени и 15 скока.
На другите натпревари, Голден Стејт без Стеф Кари и Дрејмонд Грин ги совлада Клиперс со 124-112. Ѕвезда на вечерта беше дебитантот Јаксел Лендеборг со 37 поени, рекорд во неговата кариера, при шут од 13 од 19 од игра. Вориорс стигнаа до четвртата победа по ред.
Бостон ја продолжи победничката серија на пет натпревари со победа во Орландо од 108-97. Џејсон Тејтум беше најефикасен со 32 поени, од кои 15 од линијата за слободни фрлања.
Бруклин стигна до првата победа во сезоната. Нетс на гостувањето во Индијана славеа со 98-90.
















