Емери пред Галатасарај: Теренот не е изговор, ист е за двата тима

Стадионот на Галатасарај во Истанбул
Фото: beIN SPORTS Türkiye / Викимедија комонс (CC BY 3.0)

Астон Вила денеска од 18:45 часот му гостува на Галатасарај во Истанбул во петтото коло од лигашката фаза на Лигата на шампионите. Тренерот Унаи Емери порача дека состојбата на теренот на стадионот на турскиот шампион нема да го промени планот на неговата екипа, објави Астон Вила.

Англискиот тим го одржа последниот тренинг во својот тренинг-центар Бодимур Хит, а потоа отпатува за Турција. Емери објасни дека тоа е вообичаена практика на клубот пред европските натпревари, освен кога станува збор за долги патувања, а минатата сезона пред дуелот со Фенербахче екипата тренирала во Истанбул.

„Каков ќе биде теренот утре е важно, но тоа не е изговор, бидејќи е ист за двата тима. Подготвени сме и фокусирани на натпреварот, ги анализираме само противниците. Теренот не ја менува нашата идеја“, изјави Емери. Тој додаде дека доколку постои опасност играчите да се повредат поради состојбата на теренот, натпреварот не би се играл таму.

Шпанскиот стратег го пофали противникот. „Секако, Осимен е многу важен напаѓач, Леао е многу добро крило, но тие имаат и други играчи што можат да ги заменат во нивната структура. За мене најважно кај Галатасарај е како се натпреваруваат и играат колективно, нивната енергија на својот стадион“, рече Емери, пренесува Гол.

Според него, најтешко ќе биде да се справат со атмосферата на стадионот и со интензитетот со кој домаќините играат пред своите навивачи. „Тие се најдобри во Турција, играат многу добро и се натпреваруваат многу добро. Дома се чувствуваат многу силно, па утре нè чека огромен предизвик“, изјави Емери за британската телевизија Ти-Ен-Ти спортс, наведува Туркије тудеј.

Вила по четири кола има девет бода и сè уште може да се бори за едно од првите осум места, кои носат директен пласман во осминафиналето. „Не сме фаворити. Со новиот формат фаворизираните тимови учат како се игра и бараат бодови и голови, па ќе биде сè потешко да се изненадат“, рече Емери.

Натпреварот на стадионот „Али Сами Јен“ во Истанбул е закажан за 20:45 часот по турско време.