Ен-Би-Еј планира најмалку 10 милијарди евра за арени во Европа

Внатрешноста на кошаркарска арена во Истанбул за време на натпревар
Фото: Yigitylnz / Викимедија комонс (CC BY-SA 4.0)

Лигата Ен-Би-Еј објави план за иницијатива со која би се обезбедиле најмалку 10 милијарди евра за изградба и обновување на кошаркарските арени, како и на спортските и забавните зони околу нив, низ цела Европа, соопшти Ен-Би-Еј.

Иницијативата е дел од подготовките за новата професионална лига во Европа, која Ен-Би-Еј и Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) планираат да ја основаат во 2027 година. Целта е идните клубови и нивните сопственици да добијат пристап до долгорочен капитал и да го искористат искуството на американската лига во развојот на современи спортски сали.

Меѓу инвеститорите се вбројуваат некои од најголемите светски финансиски компании, како што се Аполо спортс капитал, Арес менаџмент, Арктос, Блекстоун, Ејч-Пи-Ес, Џеј-Пи Морган, Сикст стрит и Стоунпик.

„Од прва рака видовме како најсовремените арени и проектите околу нив можат да ги трансформираат кошаркарските тимови и нивните заедници. Гледаме голема можност да им помогнеме на клубовите да изградат објекти што ќе ги надградат уникатните традиции на европската кошарка, а истовремено ќе го подобрат искуството на навивачите“, изјави комесарот на Ен-Би-Еј, Адам Силвер.

Според лигата, во зависност од локалните потреби, проектите може да опфатат и станови, деловни простории, ресторани, продавници и јавни површини, а арените би биле отворени во текот на целата година и во нив, покрај кошаркарските натпревари, би се одржувале концерти и други настани.

Овој процес е одвоен од изборот на инвеститорите што ќе бидат сопственици на тимовите во новата лига, нагласува Спортико. Според овој портал, лигата треба да има 12 постојани франшизи и четири клуба што ќе обезбедуваат учество преку други натпреварувања на ФИБА.

Како можни седишта на постојаните тимови досега се споменуваа Лондон и Манчестер, Париз и Лион, Мадрид и Барселона, Рим и Милано, Минхен и Берлин, како и Атина и Истанбул, но ниту еден од овие градови сè уште не е официјално потврден, пишува Асошиејтед прес.

Ен-Би-Еј се повикува и на студија според која новата лига во првите десет години би можела да создаде бруто додадена вредност од повеќе од 24 милијарди евра во Европа, да поддржи речиси 15.000 работни места годишно и да привлече речиси 70 милиони гледачи.