Барселона ја совлада Астон Вила со 3-0 на „Спотифај Камп Ноу“ во четвртото коло од Лигата на шампионите и му стави крај на перфектниот старт на англискиот тим во натпреварувањето. Ламине Јамал го отвори резултатот, а Рафиња во второто полувреме постигна два гола.
Каталонците поведоа уште во 7мата минута, кога Јамал ја искористи грешката во одбраната на гостите. Младиот шпански репрезентативец со тој гол стана најдобар стрелец меѓу тинејџерите во историјата на Лигата на шампионите, а тоа му беше 13ти гол на последните 15 натпревари.
Астон Вила имаше шанси да изедначи преку Мети Кеш, Виктор Линделоф и Јохан Манзамби, но голманот Жоан Гарсија беше сигурен во неколку ситуации. Во второто полувреме Леон Горецка по корнер со глава ја погоди стативата, но Вила не успеа да постигне гол.
Во второто полувреме Рафиња го реши натпреварот. Во 52рата минута, по додавање на Фермин Лопез, Бразилецот шутираше, а топката по одбивањето од Пау Торес заврши во мрежата. Во 64тата минута, по асистенција на Жоао Канцело, тој го постигна и третиот гол. Рафиња сега има 94 гола во дресот на Барселона, колку што постигна и Роналдињо.
Барселона за првпат од април 2025 година заврши европски натпревар без примен гол, а со девет бода е втора на табелата. Френки де Јонг го одигра својот 300ти натпревар за каталонскиот клуб, а Астон Вила по три победи го доживеа првиот пораз во Лигата на шампионите, токму на роденденот на тренерот Унаи Емери.
Тренерот Ханзи Флик по натпреварот ја пофали одбраната. „Важно беше да се браниме заедно и да останеме компактни. Одбраната одигра одлично, а исто така и Жоан Гарсија. Кога гледате вакви млади играчи како играат на ова ниво во Лигата на шампионите, многу сум среќен“, изјави Флик.
Германскиот стручњак зборуваше и за Рафиња, кој по вториот гол беше заменет. „Сè што се случи во Тенерифе длабоко го погоди. Сакаме да изразиме сочувство до семејството на Хесус де Мигел, до Тенерифе и до сите блиски до него. Ние сме луѓе и тоа влијаеше и врз нас“, рече Флик, пренесува официјалната страница на Барселона.
„Во животот и во фудбалот не е важно дали ќе згрешиш или ќе изгубиш, туку како ќе реагираш. Секогаш гледаме напред и задоволен сум од тоа“, додаде Флик. Барселона во недела гостува кај Атлетико Мадрид во Ла Лига, објавува Арте-е.
















