Пауло Фонсека повеќе не е тренер на Лион. Францускиот клуб официјално објави дека португалскиот стручњак заминува во Спортинг од Лисабон, кој за предвременото раскинување на договорот ќе плати обештетување од пет милиони евра, пренесува Суд Уест.
Според соопштението на Лион, Фонсека во изминатите денови бил контактиран од клуб за кој е особено врзан и го известил раководството дека сака да замине. Од Лион ја оценија одлуката како неочекувана и изразија длабоко жалење, особено поради тоа што доаѓа во средината на сезоната.
Раководството оцени дека не е во интерес на клубот да ја продолжи соработката која повеќе не може да гарантира целосна посветеност. До изборот на нов тренер, екипата ќе ја води помошникот Жорж Масиел, кој ќе седи на клупата на натпреварот со Реал Сосиедад во Лига Европа во четврток и на гостувањето кај Брест во недела.
Фонсека го презеде Лион на 31 јануари 2025 година, како замена за Пјер Саж, и имаше договор до 30 јуни 2027 година. Лион моментално е трет во француското првенство по девет кола.
Спортскиот директор Матје Луј-Жан признал дека заминувањето било шок за него, а меѓу можните наследници се споменува Шпанецот Карлос Висенс, пишуваат француските медиуми.
Договор до 2030 година
Спортинг потврди дека Фонсека е нов тренер на клубот, пренесува португалската агенција Луза. Тој го наследува Руи Боржеш, со кого Спортинг ја раскина соработката на почетокот на неделата.
Според Футебол 365, 53-годишниот тренер потпишува договор до 2030 година. Португалските медиуми пишуваат и дека ќе заработува околу три милиони евра нето по сезона.
За Фонсека ова е враќање во португалскиот фудбал по повеќе од десет години. Во кариерата ги водеше и Брага, Порто, Шахтјор, Рома, Лил и Милан.
















