Германија ја совлада Србија со 2-0 на „Алијанц Арена“ во Минхен и му ја донесе првата победа на Јирген Клоп како селектор. Головите ги постигнаа Том Бишоф и Флориан Вирц, пренесува ESPN.
Бишоф го отвори резултатот во 39тата минута со својот прв гол за репрезентацијата - ја искористи одбиената топка од стативата по ударот на Вирц. Во 61тата минута Вирц со прецизен удар во аголот ја удвои предноста по додавањето на Максимилијан Мителштет.
Клоп започна со неколку промени: капитен во првото полувреме беше Серж Гнабри, додека Јошуа Кимих беше меѓу играчите што го напуштија кампот по првите два меча. Голманот Јонас Урбиг стартуваше пред домашната публика.
Германија доминираше со притисок и создаваше шанси преку Гнабри, Вирц и Ник Волтемаде, а српскиот голман Ѓорѓе Петровиќ имаше неколку важни интервенции. Србија ретко се закануваше и остана без бод по три кола во групата А2.
„Тоа оди во мојата архива. Сега ќе направиме видео. Така сакаме да играме“, изјави Клоп по мечот. Вирц додаде дека победата е важна за духот во тимот и како сигнал дека Германија повторно може да биде конкурентна.
Во вториот дел дебитираше Саид Ел Мала, а Мика Баур влезе во игра како 1.000ти играч во историјата на германската репрезентација. По три кола Германија има 4 бода, зад Грција со 7 и Холандија со 5.
За Клоп ова е прекин на серијата без победа што траеше од испаѓањето на Светското првенство против Парагвај. Следен тест е гостувањето кај Грција во недела.
















