Македонските борачи го завршија настапот на Светското првенство за сениори во Астана, Казахстан. Во машката конкуренција во слободен стил, единствена победа извојува Реџеп Хајдари, кој во квалификациите во категоријата до 92 килограми го совлада Литванецот Домантас Паулисченко со 7-4, пренесува Ипон.
Хајдари во следната борба загуби од Али Магомедович Цокаев од Азербејџан со 0-10, со технички туш, со што го заврши својот настап во арената Барис.
Во саботната програма на душекот излегоа уште тројца македонски борачи, но ниту еден не стигна до победа. Расул Шапиев во категоријата до 79 килограми загуби со тесен резултат од 4-5 од Жакшилик Баиташов од Киргистан.
Владимир Егоров во категоријата до 57 килограми беше поразен од Русинот Абубакар Муталиев со 0-10, а Фати Вејсели во категоријата до 74 килограми загуби од претставникот на Шпанија, Мохамед Мотањинија, со 0-11. Двете борби завршија предвреме со технички туш.
Претходно, во петокот, без победа останаа и Бесир Алили во категоријата до 61 килограм и Ахмад Магомедов во категоријата до 86 килограми. Алили загуби од Молдавецот Леонид Колесник, а Магомедов од Кинезот Нан Цао, при што и двајцата останаа без шанса за репесаж бидејќи нивните противници не стигнаа до финалето.
Во женската конкуренција Македонија ја претставуваше Вероника Консевич во категоријата до 55 килограми. Таа на стартот ја совлада Адијат Идрис од Нигерија со 4-0, а потоа загуби од Украинката Наталија Кливчуцка и во репесажот од Русинката Екатерина Вербина.
Македонија во Астана настапи со седум борачи, шестмина во слободен стил и една борачка во женското борење. Светското првенство во Астана завршува во недела, кога ќе бидат доделени последните медали.
















