Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст ↓↓↓
Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) Џани Инфантино изјави дека по завршувањето на Светското првенство во 2026 година ќе биде разгледана можноста за понатамошно проширување на бројот на учесници на завршниот турнир.
Оваа година Светското првенство во Канада, Мексико и Соединетите Американски Држави првпат собра 48 репрезентации, што беше одлука која пред турнирот предизвика бројни критики, но за тоа речиси повеќе не се расправаше по почетокот на натпреварувањето на 11 јуни.
“Сите овие прашања ќе ги разгледуваме по Светското првенство”, изјави Инфантино за швајцарската телевизија ‘Blue Sport’.
Првиот човек на ФИФА не сакаше да зборува за детали, но истакна дека целта на организирањето на Светското првенство е да биде достапно за целиот свет.
“Важно е, кога го организирате Светското првенство, да го правите за целиот свет, не само за Европа и Јужна Америка, туку за сите континенти. Секоја држава треба да има право да сонува за пласман на Мундијалот. Квалитетот на репрезентациите е исклучително висок и постојано расте низ целиот свет”, истакна Инфантино.
Тој додаде дека на помалите фудбалски нации треба да им се даде можност да учествуваат на најголемото натпреварување.
“Ако не им дадете шанса на помалите земји да играат на Светското првенство, нема да имаат поттик да продолжат да напредуваат”, рече претседателот на ФИФА.
















