Интер и Милан официјално го претставија проектот за новиот заеднички стадион, кој треба да го замени легендарниот Сан Сиро. Новиот објект ќе се вика „Џенерали Стадион“, а проектот беше промовиран во четвртокот во замокот Кастело Сфорцеско во Милано.
Стадионот е дизајниран од архитектонските студија Фостер и партнери и МАНИКА. Ќе има капацитет од 71.500 места, трибини распоредени на две нивоа околу целиот терен, стрмни трибини зад головите со наклон до 37 степени за најверните навивачи и двојно закривен покрив.
Отворање во сезоната 2031/32
Според двата клуба, изградбата се очекува да започне во 2028 година, а првиот натпревар е планиран за сезоната 2031/32. Роковите зависат од добивањето на сите потребни дозволи, објави Милан.
Името на стадионот доаѓа од осигурителната компанија Џенерали, која ги откупи правата за именување. Интер и Милан, кои се во сопственост на фондовите Оуктри и РедБерд, го претставуваат проектот како нов симбол на градот.
Критики од навивачите
Проектот, сепак, не помина без критики. Дел од навивачите со тага се збогуваат со Сан Сиро, стадионот на кој двата клуба ги одиграа најголемите натпревари во својата историја, додека дизајнот на новиот објект предизвика поделени реакции, пренесува Гардијан.
Сан Сиро, официјално наречен „Ѓузепе Меаца“, е отворен во 1926 година и е еден од најпознатите фудбалски стадиони во светот.
















