Кедев во Гинис како најстариот што ги искачил сите 14 осумилјадници

Сашко Кедев
Фото: Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Македонскиот кардиолог и планинар Сашко Кедев е запишан во Гинисовата книга на рекорди како највозрасниот човек кој стигнал до вистинскиот врв на сите 14 планини во светот повисоки од 8.000 метри, пренесува 360 степени.

Кедев имал 63 години и 14 дена кога на 20 јули 2025 година се искачил на Гашербрум I во Пакистан, висок 8.080 метри. Со тоа искачување станал и првиот Македонец кој ги освоил сите 14 осумилјадници.

На врвот на Гашербрум I застанал во 10:44 часот по пакистанско време, заедно со Кинезот Ванг Жонг и шерпите Дава Гјалџе и Нгима Нуру, во експедиција на агенцијата Имеџин Непал, објави тогаш МИА.

Неговата листа започнала со највисокиот врв на светот, Монт Еверест, на кој се искачил на 19 мај 2009 година. Во јули 2022 година, во период од само една недела, ги искачил К2 и Броуд Пик, во 2024 година освоил четири врва, а на Канченџунга стигнал на 23 мај 2025 година, неполни два месеца пред завршното искачување.

За оваа категорија Гинис признава само искачувања до највисоката природна точка на секоја од 14-те планини, бидејќи на некои од нив постојат повеќе блиски точки кои на терен тешко се разликуваат по висина. Искачувањата на Кедев ги потврдил Еберхард Јургалски, консултант на Гинис за планинарски рекорди.

Гинис му припишува на Кедев уште едно постигнување. Тој е и највозрасниот човек кој ги искачил и сите 14 осумилјадници и највисокиот врв на секој од седумте континенти. Континенталната седумка ја заокружил уште во 2011 година, со искачувањето на Пунчак Џаја во Океанија.

На Кедев му биле потребни нешто повеќе од 16 години за да ги искачи сите 14 врва над 8.000 метри, од Еверест во 2009 до Гашербрум I во 2025 година.