Конте во јануари тргнува по Немања Матиќ

Интер сака да се засили во зимскиот преоден рок па неколку играчи веќе се на мета на овој клуб.

Нероазурите моментално по одиграни 16 кола во Серија А го делат првото место со Јувентус и двата клуба имаат по 39 бодови.

Сепак, Антонио Конте е свесен дека му се потребни засилувања во продолжение на сезоната доколку сака да го освои Скудетото со Интер и неколку пати јавно изјави дека мора да го прошири моменталниот состав.

По пишувањата на англиските медиуми, Немања Матиќ е еден од играчите кои Конте во јануари посакува да го доведе во Интер.

Српскиот играч нема причина за да биде задоволен оваа сезона во Манчестер Јунајтед и тоа неколку пати јавно го искажа, дури имал и состанок со Оле Гунар Солскјер во врска со неговиот статус во тимот.

Матиќ оваа сезона запиша само шест настапи за Јунајтед и затоа е јасно зошто е незадоволен.

Телеграф пишува дека Интер е спремен во јануари да тргне по Матиќ кој веќе соработуваше со Конте додека Италјанецот го водеше Челзи.