Линдзи Вон на деветта операција: Се молам да биде последна

Линдзи Вон
Фото: Christian Jansky / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Американската скијачка Линдзи Вон во понеделникот беше оперирана по деветти пат по тешкиот пад на Олимписките игри во Милано и Кортина во февруари. 42-годишната шампионка во објава на социјалните мрежи напиша дека се моли ова да биде последната интервенција, пишува Јаху спорт.

Вон целосно го скина предниот вкрстен лигамент на левото колено на трка од Светскиот куп една недела пред Игрите. И покрај тоа, настапи во спустот на 8 февруари, но падна откако со стапот закачи знаменце на патеката и доживеа сложена фрактура на потколеницата.

Од патеката беше пренесена со хеликоптер во болница во Тревизо, каде што беше оперирана четири пати, а преостанатите операции ги имаше во САД.

„Ги отстрануваме сите плочки и шрафови за да можеме да ставиме нов преден вкрстен лигамент, бидејќи сè уште немам, поради плочките не можевме да го ставиме. Ги чекав сите овие девет месеци за да ми зарасне коската“, објасни Вон во видеото, пренесува АНСА.

Таа додаде дека коската зараснала, но тоа значи нови шест до девет месеци закрепнување, како по вообичаена операција на лигаментот. Дупките што ќе останат по вадењето на шрафовите, исто така, треба да зараснат.

Вон неколку дена пред операцијата изјави дека е иронично што токму на модната ревија во Париз во септември конечно се почувствувала доволно сигурна за да ги покаже лузните, а сега тие повторно ќе бидат отворени. „Се враќам на почеток, но во ред е. Тоа е животот. Ќе продолжиме понатаму“, рече Вон.

„Бев нервозна и вознемирена, но во исто време и возбудена што конечно ќе го оставам ова зад себе“, напиша Вон, која им се заблагодари на лекарите, физиотерапевтите и навивачите за поддршката во изминатите девет месеци, пренесува ЛаПресе.