Македонија до 21 година загуби со 0-2 од Србија во Нови Сад

Стадионот Караѓорѓе во Нови Сад
Фото: Jeca22 / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година загуби од Србија со 0-2 на пријателскиот натпревар одигран во четвртокот на стадионот „Караѓорѓе“ во Нови Сад. Домаќините го решија дуелот со по еден гол во првото полувреме и во судиското надополнување, пренесува РТС.

Србија поведе во 16тата минута. Јован Милошевиќ центрираше од левата страна по пресврт и го пронајде слободниот Јован Милосављевиќ, кој со прецизен удар во блискиот агол ја затресе мрежата. Милосављевиќ игра за шведскиот Малме.

До крајот на првиот дел резултатот не се промени, а по паузата двата тима имаа уште по неколку шанси, пишува Б92. Српските медиуми наведуваат дека ниту временските услови во Нови Сад не им помогнале на фудбалерите да прикажат подобра игра.

Конечниот резултат беше поставен во втората минута од судиското надополнување. Акцијата ја започна Алекса Куљанин, Ѓорѓе Петровиќ и Милош Луковиќ одиграа двоен пас, а Петровиќ, фудбалер на Раднички од Ниш, ги постави конечните 2-0.

За селекторот Александар Таневски ова беше можност да ги провери фудбалерите што ги повика за ноемврискиот собир. Тој за натпреварот со Србија повика 24 играчи.

Македонската селекција до 21 година на почетокот на октомври ги заврши квалификациите за Европското првенство со пораз од 0-2 во Шведска, а пријателските натпревари во ноември се дел од подготовките за новиот циклус.

Србија, предводена од Зоран Мирковиќ, не игра квалификации бидејќи заедно со Албанија ќе биде домаќин на Европското првенство до 21 година, кое ќе се одржи од 16 јуни до 3 јули следната година.

Српската селекција следниот пријателски натпревар ќе го одигра на 17 ноември против Полска во Шпанија, наведува Новости.