Манчини: Заминувањето во Саудиска Арабија беше голема грешка

Роберто Манчини како селектор на Италија
Фото: Biser Todorov / Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Селекторот на Италија, Роберто Манчини, призна дека се покајал што ја напуштил клупата на „аѕурите“ во 2023 година, по што ја презел репрезентацијата на Саудиска Арабија. Тоа го изјави во големото интервју за Коријере дело спорт.

„Дали претходно потпишав? Не, не бев потпишал. Во основата на сè беше недостатокот на комуникација меѓу мене и претседателот Гравина. Со месеци размислував дека тој има намера да ме смени при првите тешкотии“, изјави Манчини, пренесува Еуроспорт.

„Со месеци зборувавме за стручниот штаб, а јас не обрнував внимание, се правев дека не е ништо, а во меѓувреме неделите минуваа, а проблемите не се решаваа. Разговорот го продолживме по Лигата на нациите во Холандија, но не дојдовме до заклучок. Потоа следеше еден месец тишина“, додаде тој.

„Искрено, јас не сакав да заминам. Сакав да останам, но понекогаш се случуваат работи. Мислам дека направив грешка, пред сè во проценката на некои работи што требаше да се решат. Требаше да земам авион, да одлетам во Рим и да се разјаснам со претседателот. Кога сфатив дека направив голема глупост? Веднаш. Но веќе не можев да се вратам. Арабија се покажа како многу комплицирана авантура“, рече Манчини.

Селекторот откри и дека ниту првиот пат не бил првиот избор на претседателот на фудбалската федерација. „Јас не бев предвидениот селектор, туку Карло Анчелоти. Се свртеа кон мене кога тој избра нешто друго“, рече тој.

Манчини беше критичен и кон клубовите во Серија А. „Клубовите немаат никаков интерес за репрезентацијата, која мора сама да ги најде решенијата. Нема смисла да се жалиме, мораме само да ги бараме играчите и да им даваме искуство, дури и по цена да изгубиме некој натпревар“, изјави тој.

Во врска со борбата за титулата во Италија, селекторот рече дека Интер е најдобриот тим, но смета дека шампион ќе биде Рома.

Манчини се осврна и на Џанлука Вијали, неговиот поранешен соработник, кој почина во 2023 година. „По освојувањето на Европското првенство остана во Лондон бидејќи мораше да се лекува. Таа вечер беше пресреќен. Знаеше дека нема уште многу време. Лука на сите ни даде неверојатна лекција за сила“, рече Манчини.