Дејан Мијатовиќ и официјално започна со работа како тренер на МЗТ Скопје Аеродром. Српскиот стратег денеска го одржа првиот тренинг со „штрковите“, а на клупата го придружува неговиот помошник Иван Дробњак.
Управата на македонскиот шампион го официјализираше договорот со Мијатовиќ минатата недела, кога објавивме дека искусниот тренер го презема кормилото на стручниот штаб.
Новиот тренер на првиот тренинг немаше на располагање дел од првотимците. Поради репрезентативните обврски, на паркетот не беа Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Лука Стојановски, Петар Бошалески и Андреј Мекиќ.
Наместо нив, со првиот тим тренираа дел од најдобрите кошаркари од школата на клубот, па Мијатовиќ веднаш доби можност да ги види и младите играчи од Аеродром.
Мијатовиќ на клупата седнува на местото на Васко Атанасов, со кого клубот се раздели на 30 октомври. Во периодот по заминувањето на Атанасов, тимот го водеше досегашниот помошник Дејан Србиновски.
Мијатовиќ е роден во Чачак, а неговиот последен ангажман беше во Борац Чачак. Претходно ги водеше Ловќен, ОКК Белград и полскиот Баскет Познањ, а како член на стручните штабови работел во ФМП Железник, Хемофарм, Алба Берлин и Партизан.
Тој има значајни успеси и со младинските селекции. Во 2006 година, како помошник, го освои златниот медал на Европското првенство со репрезентацијата на Србија и Црна Гора до 20 години, а една година подоцна, како селектор на јуниорската репрезентација на Србија, стана европски шампион во Шпанија.
















