Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром доживеаја уште еден тежок пораз во ФИБА Европа купот. Македонскиот шампион во средата во Солун загуби од Ираклис со 103-73 (29-17, 18-18, 31-18, 25-20), пренесува То Вима.
Домаќините го почнаа натпреварот со серија од 10-0, а во осмата минута водеа со 27-10. Скопјани успеаја да се вратат во игра и во 18тата минута заостануваа само четири поени (39-35), но Ираклис со серија од 8-0 до полувремето ја зголеми предноста на 47-35.
Во третата четвртина грчкиот тим целосно ја презеде контролата. Во средината на периодот водеше со 60-45, а на почетокот на последната четвртина разликата порасна на 30 поени (83-53). До крајот домаќините ја одржаа предноста и стигнаа до триумф со над 100 постигнати поени.
Најефикасен кај МЗТ беше Емир Крајниќ со 17 поени и 10 скока, а Лесли Варнер постигна 15 поени. Кај Ираклис, кој го предводи тренерот Зоран Лукиќ, Ноа Хорчлер заврши со 19 поени и осум скока, Џејлен Леке постигна 18, а Кливленд Мелвин имаше дабл-дабл учинок од 12 поени и 10 скока.
Џејк Форестер, кој дебитираше за грчкиот клуб, заврши со 14 поени и пет скока. Ираклис шутираше со 57 отсто успешност од игра и 44 отсто за три поени, според статистиката на Риал ГМ.
За Ираклис ова е втора последователна и вкупно четврта победа во групата, а скопскиот тим и по шестиот натпревар е без победа на европската сцена. Двата тима се сретнаа и во првиот дел од групната фаза во Скопје, кога Ираклис победи со 64-59.
Со овој пораз МЗТ останува на дното на групата Е како единствен тим без победа. Ираклис веќе во сабота му гостува на Прометеас во Патра во грчкото првенство.
МЗТ веќе в недела, на 16 ноември, во домашното првенство игра градско дерби со Работнички.
















