Одбојкарките на Работнички го завршија настапот во ЦЕВ Челинџ купот. Македонскиот шампион и во реваншот во салата „Јане Сандански“ загуби од грчкиот Заон Кифисија со 0-3 во сетови и испадна од натпреварувањето.
Гостинките славеа со 25-9, 25-10 и 25-17 по сетови, а натпреварот траеше 62 минути. Грчкиот тим целосно доминираше и не дозволи посериозен отпор од скопјанките на нивниот домашен терен.
Најефикасни кај Работнички беа Карија Трифуновска и Ана Павлоска со по шест поени. Кај Заон Кифисија се истакнаа Аикатерини Гиота и Фероники Зиога со по 11 поени.
Работнички и првиот натпревар во Грција пред една недела го загуби со 0-3 во сетови. Заон тогаш славеше со 25-17, 25-15 и 25-17 за 75 минути игра, а според Газета, грчкиот тим лесно победи и без две од своите играчки.
Според новиот систем на Европската одбојкарска конфедерација, во двомечите се бројат победите, а не освоените сетови. На Работнички му беше потребна каква било победа во Скопје за да изнуди златен сет, но тимот на тренерот Душко Деспотовски не успеа да освои ниту еден сет, па Заон, предводен од Јанис Калмазидис, без изгубен сет се пласираше во следната фаза.
Младата генерација на Работнички сега целосно ќе се фокусира на домашното првенство, во кое ја брани титулата, по европскиот настап во кој не освои ниту еден сет на двата натпревари.
Во реванш-дуелот од оваа фаза денеска ќе игра и Јанта Волеј, која гостува кај чешкиот тим од Прага. Скопскиот тим и првиот натпревар го загуби со 0-3 во сетови.
Распоредот и резултатите од Челинџ купот се достапни на страницата на Европската одбојкарска конфедерација.















