Штип УГД и Работнички Скопје се првите освојувачи на одбојкарскиот Суперкуп на Македонија. На јубилејното 50то издание на меморијалниот турнир „Чајка“, кој од оваа година има и статус на Суперкуп, двата тима славеа со по 3-0 во сетови во салата на ДСЕУ „8 Септември“ во Тетово.
Во машка конкуренција, освојувачот на двојната круна Штип УГД го совлада ГОК Борец од Велес со 3-0, по сетови 25-15, 25-16 и 25-15. Резултатот изгледа убедливо, но дуелот беше рамноправен до средината на секој од трите сета, а Борец на моменти водеше и со два до три поени разлика.
Разликата ја направија подолгата клупа, поширокиот избор при ротацијата и искуството во редовите на Штип УГД. За најкорисен играч на машкиот Суперкуп беше прогласен Александар Љафтов, кој го предводеше тимот до првиот трофеј во новата сезона.
Работнички до првиот Суперкуп
Во женска конкуренција, шампионот Работнички Скопје го победи освојувачот на Купот, ЖОК Вардар ЕМ, исто така со 3-0, по сетови 25-16, 25-23 и 25-21. Работнички сигурно го отвори натпреварот, додека на вардарките им требаше време да влезат во ритам.
По водството на Работнички од 1-0 во сетови, Вардар ЕМ пружи многу поголем отпор, па вториот и третиот сет минаа во рамноправна игра, со пресврти и неизвесност до самиот крај. Сепак, шампионките ги добија и двата сета и стигнаа до трофејот. За најкорисна играчка беше прогласена Тамара Атанасова.
Турнирот се врати таму каде што почна
Турнирот „Чајка“ се одржува во чест на одбојкарската легенда Бранко Хаџииљоски, а годинава се врати во Тетово, каде што првично почнал да се одржува. Организатори се семејството Хаџииљоски и Одбојкарската федерација на Македонија, кои се договорија турнирот од оваа година да прерасне во официјален Суперкуп што ќе се одржува секоја година пред почетокот на сезоната.
Со двата дуела во Тетово официјално започна новата сезона во македонската клупска одбојка, а Штип УГД и Работнички Скопје ја започнуваат со трофеј во рацете.















