Пињеиро Братен вторпат по ред победи во слаломот во Леви

Бразилскиот скијач Лукас Пињеиро Братен
Фото: Lula Oficial / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Бразилецот Лукас Пињеиро Братен победи на првиот слалом од новата сезона во Светскиот куп во алпско скијање, во финскиот Леви, и го продолжи совршениот почеток на сезоната, пренесува ФИС. По победата во велеслаломот во Зелден, тој сега славеше и во втората дисциплина.

Пињеиро Братен ја оствари победата со вкупно време од 1:48,04. Французинот Клеман Ноел заостана 0,56 секунди и беше втор, а Швајцарецот Лоик Мејар заврши на третото место со заостанување од 0,73 секунди. Четврти беше Швеѓанецот Фабијан Акс Сварц, а петти Италијанецот Алекс Винацер, пишува Скирејсинг.

https://x.com/fisalpine/status/2121958843462938632

Бразилецот е првиот скијач кој успеал да ја одбрани победата во слаломот во Леви. Тој изгради голема предност во првата трка, а во втората беше деветти по брзина, но тоа беше доволно за сигурна победа, пренесува АФП. Дваесет и шестгодишниот скијач, кој претходно настапуваше за Норвешка, минатата сезона ја заврши со олимписко злато и кристален глобус.

„Никогаш не е лесно, но моето скијање изгледаше без напор и тоа е она кон што се стремам. Се стремам да скијам смирено, тогаш знам дека сум брз. Победата е само последица на тоа“, изјави Пињеиро Братен.

Тој призна дека враќањето во Леви било емотивно. „Пред една година токму тука ја освоивме првата бразилска победа во Светскиот куп. Сè што се случи оттогаш ми овозможи повторно да победам пред овие неверојатни навивачи“, рече Бразилецот, кој како победник во Леви, по традиција, доби и ирвас.

Ноел и во Леви остана близу до врвот. Неговите последни четири пласмани на оваа патека се второ, второ, прво и второ место. „Лукас денеска беше многу подобар од мене, но сезоната е долга и се надевам дека борбата ќе биде добра“, изјави Французинот.

Мејар по првата трка беше осми, но со второто најдобро време во втората трка се искачи на подиумот. Бранителот на малиот кристален глобус во слаломот, Норвежанецот Атле Ли Мекграт, заврши на осмото место, што е негов прв пласман меѓу најдобрите десет во Леви.

Со 200 освоени бода, Пињеиро Братен има рана предност во борбата за големиот кристален глобус. Следниот слалом е закажан за недела, 22 ноември, во австрискиот Гургл. Ден пред машкиот слалом, во женскиот слалом во Леви, Германката Ема Ајхер ја прослави својата прва победа во слалом во Светскиот куп, пренесува ФИС.