Гервин Прајс се пласираше во полуфиналето на Гренд слемот во пикадо во Волверхемптон, откако во драматично четвртфинале го совлада Германецот Нико Шпрингер со 16-15 во последниот, одлучувачки гем. Велшанецот претходно спаси две стрелички на ривалот за победа, објави Би-би-си.
Трикратниот шампион на турнирот водеше во поголемиот дел од натпреварот, но Шпрингер постојано се враќаше. Германецот при 12-14 промаши три стрелички на двојна 20 за 13-13, но подоцна изедначи на 14-14, а потоа поведе со 15-14.
Прајс со завршница од 143 поени го однесе натпреварот во одлучувачки гем, во кој Шпрингер имаше предност бидејќи фрлаше прв. Германецот по својот 16ти максимум од 180 поени си остави 73 поени, но ги промаши двојна осум и двојна четири за победа, по што Прајс ги освои преостанатите 78 поени со тројна 18 и двојна 12.
„Имав многу среќа што поминав. Пропуштив многу шанси, требаше да го казнам. Го држев во натпреварот, промашував двојка по двојка. Иако тој постигнуваше исто како и јас, јас пропуштав прилика по прилика, но мило ми е што на крајот имав уште една“, изјави Прајс.
Во полуфиналето Прајс ќе игра против Холанѓанецот Кевин Доетс, кој со 16-7 го совлада сонародникот Жермејн Ватимена. Ватимена претходно во второто коло го елиминираше првиот играч на светот и светски шампион Лук Литлер.
Доетс заостануваше со 4-5, а потоа освои десет гема по ред. Во таа серија имаше две завршници од 170 поени и поведе со 14-5. Ватимена го освои 20тиот гем, но Доетс потоа го заврши натпреварот во 23тиот гем, во кој го погоди својот осми максимум на натпреварот и двојна 18.
„Почетокот беше многу изедначен, но по 5-5 едноставно почувствував дека натпреварот оди во моја корист“, рече Доетс.
Другите две четвртфинални средби се играат в сабота навечер, Гијан ван Вен против Нејтан Аспинал и Мајкл ван Гервен против Том Сајкс, кој претходно го елиминираше Лук Хамфрис. Полуфиналињата се на програмата в недела од 14:00 часот, а финалето од 20:30 часот по нашето време.
















