Усман Нурмагомедов ослободен од затвор во Абу Даби

Усман Нурмагомедов
Фото: Новости Дагестан / Wikimedia Commons (CC BY 3.0)

Рускиот борец Усман Нурмагомедов е ослободен од затворот во Абу Даби, каде што беше осуден поради учество во тепачка во хотел, пренесува Нешнал.

Судскиот оддел на Абу Даби соопшти дека казните на обвинетите се изменети, а паричната казна за секој од нив е намалена од 300.000 на 150.000 дирхами. Како причини се наведени помирувањето меѓу страните, повлекувањето на тужбите и барањето на оштетените обвинетите да бидат ослободени.

Усман и седум негови соработници првично беа осудени на шест месеци затвор, парична казна од по 300.000 дирхами и протерување од земјата. Инцидентот се случи на 11 ноември во хотел на островот Јас, а во него беа вклучени грузиските борци Мераб Двалишвили и Саба Лазишвили, пренесува Нешнал.

Според видеоснимките што брзо се проширија на социјалните мрежи, Усман го удрил Двалишвили во лобито на хотелот додека тој снимал материјал за своите профили, по што настанала тепачка. Уапсени беа десет лица, а Двалишвили и Лазишвили беа пуштени со парична казна од по 50.000 дирхами.

Неколку дена подоцна, Двалишвили на приредбата на РАФ во Абу Даби го победи Марлон Мораес, а по борбата јавно побара Усман и неговите соработници да бидат ослободени. Лазишвили, пак, го совлада членот на Куќата на славните на УФЦ, Јураја Фејбер, со 12-7, како замена за постариот брат на Усман, Умар Нурмагомедов.

Руските медиуми, како што пренесува Блади елбоу, тврдат дека во преговорите за ослободувањето бил вклучен и братучедот на Усман, легендарниот Хабиб Нурмагомедов, кој отпатувал во Емиратите. Според тие извори, групата била пуштена во две етапи, во неделата и во понеделникот.

Двалишвили и семејството Нурмагомедов имаат долгогодишно ривалство. Грузиецот во 2025 година го победи Умар на УФЦ 311 и ја одбрани титулата во бантам категорија.