Рамон Вега прв кандидат против Инфантино, УЕФА во Берлин бара предводник на промените во ФИФА

Големите четири лиги бараат реформа на ФИФА: управувањето не е соодветно за целта
Големите четири лиги бараат реформа на ФИФА: управувањето не е соодветно за целта

Поранешниот одбранбен фудбалер на Тотенхем и на репрезентацијата на Швајцарија, Рамон Вега, најави дека ќе се кандидира на изборите за претседател на ФИФА следната година. Тој е првиот кој јавно потврди дека сака да го предизвика Џани Инфантино, објави BBC Sport.

Инфантино одбива да се повлече по пропаднатиот план за продажба на удели во Светското првенство на приватни инвеститори, кој предизвика силна реакција во фудбалскиот свет. УЕФА, Конкакаф и Азиската фудбалска конфедерација минатиот месец побараа да си оди, но тој порача дека е „целосно посветен на водењето на ФИФА“.

„Се кандидирам за повторно да го обединам глобалното фудбалско семејство, да донесам вистинска и трајна реформа, да ја модернизирам ФИФА за 21 век и да ги вратам стабилноста и кредибилитетот“, изјави 55-годишниот Вега. „Фудбалот е во ургентно одделение, на апарати. Не можеме повеќе да чекаме.“

Трет обид за Швајцарецот

Вега, кој за Швајцарија одигра 23 натпревари меѓу 1993 и 2001 година, а играше и за Селтик и Вотфорд, по пензионирањето во 2004 работи во финансискиот сектор. За кандидатура размислуваше уште во 2015 година, по суспензијата на Сеп Блатер, а во 2019 најави дека ќе се кандидира против Инфантино, но не обезбеди поддршка од пет од 211те членки на ФИФА, колку што е потребно за да влезе во трката.

Кандидатите мора да бидат предложени од национална федерација, да имале активна улога во фудбалот две од последните пет години и да поминат проверка на подобност пред посебна комисија.

Европа бара кандидат до 18 ноември

Најавата дојде во време кога европските фудбалски лидери ја градат стратегијата за смена на Инфантино. УЕФА ги повика своите 55 федерации на самит во четврток во Берлин, на кој се очекува да се разговара за предлози за потранспарентна ФИФА и за кандидат подготвен да ги прифати тие реформи, пишува Al Jazeera, пренесувајќи ја агенцијата АП.

Изборите се на 18 март во Рабат, а рокот за пријавување кандидати е 18 ноември. Европските 55 федерации се повеќе од една четвртина од гласачите, но според истражувањето на АП, Инфантино веќе има ветени околу 90 гласови. Претседателот на УЕФА Александар Чеферин повеќе пати ја исклучи сопствената кандидатура, а минатата недела тоа го направи и претседателот на ПСЖ, Насер ал Хелаифи.

Истовремено, претседателот на Азиската конфедерација, шеикот Салман бин Ибрахим ал Халифа, во писмо до Инфантино предлага можните реформи во ФИФА да ги разгледа работна група на Советот, наместо надворешна независна ревизија, што BBC го толкува како омекнување на неговиот став. Советот на ФИФА се состанува следната недела во Цирих.