Остин Ривс постигна 43 поени, што е негов најдобар учинок оваа сезона, и ги предводеше Лос Анџелес Лејкерс до победа над Детроит Пистонс со 121-116 во НБА лигата. Лејкерс играа без Лука Дончиќ, кој го пропушти натпреварот поради затегнатост во долниот дел од грбот.
Ривс погоди 14 од 27 шута од игра, од кои четири од шест за три поени, а беше непогрешлив од линијата за слободни фрлања со 11 од 11. Додаде и пет скока и четири асистенции, со само една изгубена топка за 36 минути на паркетот, пишува ЕСПН.
Лејкерс во втората четвртина имаа предност од 26 поени, но Пистонс во второто полувреме се вратија благодарение на многубројните изгубени топки на гостите и вкупно 55 поени на резервите Денис Џенкинс и Кевин Хертер.
Детроит заостануваше со само 104-109 пред последната минута, но Ривс на истекот на нападот погоди тешка тројка и ги урна надежите на домаќините. Претходно, на две минути и 15 секунди пред крајот, Вокер Кеслер постигна кош по офанзивен скок и го погоди дополнителното слободно фрлање за предност од осум поени.
„Бев среќен кошаркар вечерва. Тоа беше ужасен шут. Изгледаше како еден од оние неверојатни шутеви што ги прави Лука“, изјави Ривс.
Кеслер го заврши натпреварот со 12 поени и 16 скока, а по 17 поени постигнаа Зајер Вилијамс и Колин Секстон. Лејкерс имаат учинок од девет победи и два пораза.
Дончиќ го пропушти својот втор натпревар оваа сезона. Словенецот е најдобар стрелец во лигата со просек од 40,1 поен, а во петокот постигна 53 поени против Портланд, објави Лос Анџелес тајмс.
Тренерот Џеј Џеј Редик изјави дека не очекува повредата значително да влијае врз Дончиќ во продолжението на сезоната. Лејкерс следниот натпревар го играат на гостувањето кај Атланта Хокс, во ноќта меѓу понеделник и вторник по нашето време.
















