Вториот носител Лук Хамфрис испадна во второто коло на Гренд слемот во пикадо во Вулверхемптон, откако во четвртокот навечер загуби со 9-10 од дебитантот Том Сајкс, кој не е носител, објави Би-би-си. Хамфрис му се придружи на Лук Литлер, кој испадна еден ден претходно.
Сајкс водеше со 4-0 и 9-7, но Хамфрис се врати и избори одлучувачки лег, во кој имаше предност бидејќи фрлаше прв. Сепак, Сајкс брзо ја презеде контролата, а откако Хамфрис го промаши двојното поле 10 при обидот да затвори со 128, 34-годишниот Англичанец го погоди двојното поле 18 и се пласираше во своето прво четвртфинале на голем турнир.
Според Би-би-си, Хамфрис воопшто не играше лошо, со просек од 102,02 и 37 отсто успешност при погодувањето на двојните полиња. Сајкс во првите пет легови имаше просек од 107,42 и освои четири од нив, објави Скај спортс.
Скај спортс наведува дека Хамфрис во текот на целиот меч имаше проблем со рамото. „Многу сум горд на начинот на кој играв вечерва, со оглед на тоа низ што поминав со повредата во последните 48 часа. Дадов апсолутно сè од себе“, напиша Хамфрис на социјалните мрежи, честитајќи му на Сајкс.
„Неверојатно е. Лук ми прости неколку пати на почетокот, но јас почнав многу добро. Кога изедначи на 5-5, си помислив „еве ни го“, и во последните десет легови почна да игра одлично, но пресреќен сум што успеав да го завршам“, изјави Сајкс за Скај спортс.
Во четвртфиналето Сајкс ќе игра против трикратниот шампион на Гренд слемот, Мајкл ван Гервен, кој го совлада седмиот носител Џејмс Вејд со 10-8. Холанѓанецот имаше просек од 103,83, а со затворање од 121 изедначи на 7-7, пред да ги добие последните легови во своја корист.
По елиминацијата на Хамфрис и Литлер, највисоко рангиран играч во ждрепката остана третиот носител Џијан ван Вен, кој го победи Мартин Шиндлер со 10-7. Во четвртфиналето ќе игра против Нејтан Аспинал, кој го совлада Габриел Клеменс со 10-7.
Четвртфиналињата почнуваат в петок во 20 часот по наше време, со дуелите меѓу Џермејн Ватимена и Кевин Доетс и меѓу Гервин Прајс и Нико Шпрингер. В сабота Сајкс ќе игра против Ван Гервен, а Ван Вен против Аспинал. Полуфиналињата и финалето ќе се играат во недела.
















