Штруф го исфрли Ѓоковиќ во осминафиналето во Базел

Јан-Ленард Штруф
Фото: si.robi / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Новак Ѓоковиќ беше елиминиран во осминафиналето на турнирот „Свис Индорс“ во Базел. Српскиот тенисер загуби од Германецот Јан-Ленард Штруф со 6-7(4), 7-5, 7-6(5), по два часа и 36 минути игра.

Ѓоковиќ ги доби сите осум претходни меѓусебни дуели против Штруф, но овојпат 36-годишниот Германец, кој е 47ми на светската ранг-листа, ја забележа првата победа против Србинот. Штруф играше агресивно и забележа дури 27 аса.

Германецот ги спаси сите шест брејк-топки што ги имаше Ѓоковиќ, пренесува АТП. Двајцата тенисери освоија по еден тај-брејк во првиот и третиот сет, а во решавачкиот Штруф беше посигурен.

Тежок удар во трката за Торино

Поразот е тежок удар за шансите на Ѓоковиќ да се пласира на завршниот турнир во Торино. Ѓоковиќ сега заостанува 319 бодови зад Шпанецот Рафаел Ходар, а до завршниот турнир останува уште само Мастерсот во Париз. Србинот досега 18 пати се пласирал на завршниот турнир, исто колку и Роџер Федерер.

Ѓоковиќ во првото коло по пресврт го победи Французинот Иго Умбер.

Ким го изненади Шелтон

Голема сензација во Базел приреди и Швајцарецот Жером Ким. Домашниот тенисер, кој настапува со вајлд-кард, го совлада првиот носител Бен Шелтон со 6-3, 6-7(4), 7-6(1). Натпреварот заврши во 00:41 часот, а 23-годишниот Ким во тај-брејкот на третиот сет загуби само еден поен.

Штруф во четвртфиналето ќе игра против Португалецот Нуно Боржес, пренесува Асошиејтед прес.