Тандемот Гонзалез – Дејвис уште две сезони на клупата на Вардар


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Шпанското дуо на клупата на Вардар, Раул Гонзалез Гутиерез и Давид Дејвис Камара и во следните две сезони ќе го сочинуваат тренерскиот тандем. Гонзалес како главен тренер, а Дејвис како негов помошник, продолжуваат на своите функции на кои беа и претходните три сезони.

Клубот, и двајцата тренери, и официјално ја потврдија соработката за во иднина, и сега ќе се фокусираат на обврските што им претстојат, на четирите фронта, лигата на шампионите, СЕХА Газпром лигата, домашното првенство и Купот на Македонија. Заедно на клупата на Вардар тие со екипата трипати беа победници на Купот на Македонија, двапати шампиони, еднаш ја освоија СЕХА Газпром лигата, еднаш беа финалисти, а трипати стигнуваа до четврт-финалето на лигата на шампионите. Лани Дејвис помагаше и во женската екипа на Вардар, имаше убава серија од пет победи по ред во пролетниот дел од сезоната, и стигна до Ф4 турнирот во Будимпешта каде го освои бронзениот медал.

„Со нашите тренери уште по завршувањето на сезоната имавме договор за продолжување на соработката. Сега, на почетокот на подготовките само ги конкретизиравме деталите. Тие ќе останат дел од клубот уште најмалку две сезони. Секако дека сме задоволни од досегашната соработка. Трипати стигнавме во четврт-финалето на ЛШ, ја освоивме СЕХА лигата и плус бевме финалисти, и ја одбранивме двојната круна во домашното првенство. Тоа се доволни препораки за останување и заеднички обид да се направи нов чекор напред во сезоната што доаѓа. Вардар секогаш има високи спортски цели и веруваме дека овој стручен штаб може да ги оствари, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Екипата на Вардар во средата ги почна подготовките за новата сезона, иако без двајца свои ракометари, Игор Карачиќ и Лука Циндриќ кои се дел од репрезентацијата на Хрватска на Олимпијадата во Рио. Сезонава во тимот имаме четворица нови ракометари. Од 1 до 12 август екипата ќе биде во Словенија. Во тој период веќе се закажани и две пријателски средби со екипата на Горење, на 6 и 10 август.

Градењето на формата ќе ја продолжиме во Белорусија, каде што домаќин ќе ни биде тимот на Мешков. Во Брест ќе бидеме од 18 до 22 август, каде што ќе одиграме силен подготвителен турнир против домаќинот, Висла Плоцк и против француски Сесон Рен.

Во лигата на шампионите Вардар е во групата Б, заедно со екипите на Рајн Некар, Кјелце, ППД Загреб, Мешков Брест, Целје, Кристијаштад и ПИК Сегед. Ова ќе биде 11 сезона како нашиот клуб ќе игра во друштво на најдобрите европски екипи.