Мексиканското професионално борење е во шок по смртта на долгогодишниот судија Херардо Херман Пинеда, познат како Ел Бухо. Пинеда почина за време на главниот натпревар од боречката вечер во спортскиот центар „11 де Хулио“ во Минерал де ла Реформа, во сојузната држава Идалго.
Настанот се случил во ноќта меѓу вторник и среда, за време на дуелот меѓу Ел Ихо де Фишман и Маскара Саграда НГ, на кој Пинеда бил судија. Според верзиите што се појавија по настанот, судијата бил подигнат и соборен на подлогата со таканаречениот „мартинете“, еден од најризичните захвати во борењето.
Кога Ел Бухо не реагирал, борците го прекинале натпреварот и побарале медицинска помош. Болничарите влегле во рингот, но утврдиле дека судијата веќе не дава знаци на живот.
Полицијата на Минерал де ла Реформа на самото место го привела борецот Ел Ихо де Фишман, кој бил предаден на обвинителството на Идалго поради сомнение за убиство од небрежност. Мексиканските медиуми нагласуваат дека оваа првична квалификација сè уште не значи дека е утврдена кривична одговорност.
Обвинителството ќе ги прегледа видеозаписите од вечерта и ќе собере изјави од присутните, борците, организаторите и медицинскиот персонал, а ќе се чекаат и наодите од обдукцијата. Правниот статус на борецот ќе го одреди судија на првото рочиште.
Пинеда околу 15 години се борел под името Ел Бухо Негро Втори, а со судење почнал случајно, кога заменил судија кој не се појавил на една приредба. Оттогаш речиси три децении бил професионален судија, главно во „Арена Афисион“ во Пачука и на независни приредби, а судел натпревари на легенди како Мил Маскарас, Канек, Дос Карас и Ел Ихо дел Санто. Неговиот син, Ел Бухо Џуниор, исто така се бори на независната сцена.
Трагедијата го отвори и прашањето за безбедноста на приредбите. Навивачите на социјалните мрежи бараат построги правила, бидејќи Идалго е една од ретките мексикански држави без државна комисија што ги надгледува боречките приредби и присуството на медицински екипи покрај рингот.
Извори: Tribuna, El Universal, Criterio Hidalgo
















