Удинезе официјално се раздели со тренерот Коста Руњаиќ по лошиот старт на сезоната во Серија А. Клубот од Удине веднаш го објави и неговиот наследник, Паоло Занети, кој потпиша договор до 30 јуни 2027 година.
Одлуката следуваше по серијата од осум последователни натпревари без победа. Единствената првенствена победа Удинезе ја оствари против Монца на 29 август, а последниот удар беше поразот од 5-2 на гостувањето кај Рома во неделата.
„Удинезе Калчо го разреши Коста Руњаиќ од функцијата тренер на првиот тим. Патиштата на тренерот и клубот се разделуваат по повеќе од две години обележани со постигнување важни цели. Клубот искрено му се заблагодарува на Коста и на неговите помошници Малецки и Трукан“, се наведува во соопштението.
Клубот веднаш постигна договор со новиот тренер. „Удинезе Калчо со задоволство објавува дека Паоло Занети е назначен за тренер на првиот тим“, се вели во второто соопштение на клубот.
Занети е роден на 16 декември 1982 година во Валдањо. Како играч настапуваше, меѓу другите, за Торино и Аталанта, а има и пет настапи за младинската репрезентација на Италија до 21 година.
По завршувањето на играчката кариера, на 33-годишна возраст ја презеде младинската екипа на Реџана. Тренерската кариера во професионалниот фудбал ја започна во сезоната 2017/18 во Судтирол, а потоа ја водеше Асколи. Најголемиот успех го постигна во сезоната 2020/21, кога ја врати Венеција во Серија А по 19 години. Подоцна го водеше Емполи, со кој обезбеди опстанок во елитата во сезоната 2022/23, а Верона ја предводеше до 14тото место во сезоната 2024/25 и остана во клубот до февруари 2026 година.
Новиот тренер на Удинезе ќе го води првиот тренинг во вторник попладне, а на прес-конференција ќе биде претставен во среда во 15 часот.
Одлуката на клубот ја пренесоа Goal и La Gazzetta dello Sport.
















