Фудбалската репрезентација на Русија нема да учествува во квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Русија ја нема на списокот на учесници во ждрепката за квалификациите, објавен на официјалната веб-страница на УЕФА, пренесува ТАСС.
Во ждрепката ќе учествуваат 54 од 55 членки на УЕФА, кои настапија во групната фаза од Лигата на нациите 2026/27. Репрезентациите се распоредени во пет шешири според пласманот во тоа натпреварување, во кое Русија не настапи.
Ждрепката е закажана за 6 декември 2026 година во Белфаст, а репрезентациите ќе бидат распоредени во 12 групи, шест со по четири и шест со по пет екипи, според УЕФА.
Групната фаза од квалификациите ќе се игра од март до ноември 2027 година, а Европското првенство ќе се одржи од 9 јуни до 9 јули 2028 година, пишува РИА Новости.
Русија е суспендирана од сите натпреварувања под покровителство на ФИФА и УЕФА од крајот на февруари 2022 година поради војната во Украина. Суспензијата се однесува и на репрезентацијата и на сите руски клубови, а поради неа Русија веќе ги пропушти квалификациите за Светските првенства во 2022 и 2026 година, како и за ЕУРО 2024.
Победниците на 12те групи и осумте најдобри второпласирани екипи директно ќе се пласираат на завршниот турнир, на кој ќе учествуваат 24 репрезентации, а ќе се игра на девет стадиони во Велика Британија и Ирска, според правилата на УЕФА. Останатите места ќе се пополнат преку бараж.
Тоа значи дека Русија, која последен пат настапи на голем турнир на Европското првенство во 2021 година, ќе го пропушти и второто последователно Европско првенство.
Македонија, пак, на ждрепката во Белфаст ќе ги дознае ривалите во квалификациската група на патот кон ЕУРО 2028.
















