Првиот носител Александар Зверев го победи Артур Филс со 6-4, 7-6(6) во четвртокот навечер и го заврши настапот во групата „Џон Мекинро“ на завршниот турнир во Торино со три победи од исто толку натпревари, објави АТП.
Германецот, кој се бори за трета титула на завршниот турнир по триумфите во 2018 и 2021 година, оваа недела во Торино сè уште нема загубено сет. Тоа му беше 68ма победа во сезоната, најмногу од сите тенисери на Турот.
Филс, кој за првпат игра на завршниот турнир, знаеше дека за пласман во полуфиналето му е потребна победа во два сета. Неговите шанси ги урна лошиот сервис-гем при 3-3 во првиот сет, кога Зверев ја искористи третата брејк-топка и поведе со 4-3. Во првиот сет Германецот не се соочи со ниту една брејк-топка.
Во вториот сет Филс ги имаше единствените две брејк-топки при 6-5, но Зверев со силни сервиси го одведе сетот во тај-брејк. На почетокот на тај-брејкот се чинеше дека почувствува болка во глуждот, но потоа освои шест поени по ред од 0-1. Французинот спаси пет меч-топки по ред и изедначи на 6-6, но Зверев ја искористи шестата меч-топка и го заврши натпреварот.
Според статистиката на АТП, Зверев освои 83 отсто од поените на својот прв сервис (43 од 52). Во меѓусебните дуели со Филс сега води со 6-2.
„Мислам дека првите два натпревари беа на многу високо ниво. Денеска мислам дека играв малку послабо од основната линија, но многу сум среќен што ги добив сите три натпревари, против три многу тешки противници. Артур за мене лично е многу тежок противник поради силата што ја има, но среќен сум што поминав во два сета“, изјави Зверев.
По поразот на Филс, од групата „Џон Мекинро“ во полуфиналето, покрај Зверев, се пласираше и Бен Шелтон, кој во четвртокот попладне го совлада Рафаел Ходар со 7-6(8), 7-5. Филс и Ходар се елиминирани.
Во групата „Иван Лендл“ во петокот се играат последните натпревари од групната фаза. Карлос Алкараз, кој веќе обезбеди пласман во полуфиналето, ќе игра против веќе елиминираниот Флавио Коболи (не пред 14 часот), а навечер ќе се сретнат Даниил Медведев и Френсис Тиафо (не пред 20:30 часот). Полуфиналните натпревари се на програмата во сабота.
















