Надал: Имав многу напорни турнири, па морав да се одморам по Вимблдон!

Еден од најдобрите тенисери во историјата, Рафаел Надал, откри дека не го интересира ждрепката за Роџерс Купот бидејќи на секој ривал исто ќе му се посвети.

Шпанецот е прв носител и е слободен во првото коло, а во второто ќе игра против подобриот од дуелот помеѓу Бено Пер и Џаред Доналдсон. Потенцијални ривали во третото коло би можеле да му бидат Станислав Вавринка или Ник Кирјос.

„Не можам да мислам за Вавринка и Кирјос пред да го одиграм првиот натпревар. Не сакам да размислувам што ме очекува по првиот ривал, зашто сум целосно фокусиран на него. Секогаш во мислите ми е само првиот нареден дуел и тоа е единствен начин да се успее“, кажа Надал.

Последниот натпревар го одигра во полуфиналето на Вимблдон кога загуби од Новак Ѓоковиќ.

„Немав многу тренинзи пред да дојдам во Торонто. Зад мене е многу долга сезона на земјена подлога, а потоа играв и тешки натпревари на Вимблдон. Ми беше потребно време да одморам и физички и психички“, објасни Шпанецот.

Турнирот во Торонто почнува на шести август, а титулата ја брани Александер Зверев.