„Јас сум најдобар напаѓач на Ливерпул“


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Фудбалерот на Ливерпул Даниел Стариџ оцени денеска дека тој е најдобар напаѓач на таа екипа и додаде дека сака да освојува трофеи на Енфилд.

Стариџ во последните четири години имаше проблеми со повредите, а досега одигра само пет првенствени мечеви. Во оваа сезона одигра 12 натпревари во сите натпреварувања, постигна два гола и имаше една асистенција.

Прв стрелец на екипата е Садио Мане со девет гола во Премиер лигата и четири асистенции, Адам Лалана постигна седум, а Роберто Фирмино шест голови.

И покрај малата минутажа Стариџ рече дека е среќен на Енфилд и дека сака да ги освои Премиер лигата, Фа Куп и Лигата на шампионите, што претходно ги освои со Челси.

„Ме боли кога не сум во тимот, но тоа е дел од фудбалот, секој играч мора да се соочи со работи со кои сега се соочувам. Не е време за откажување, морам да се борам, да покажам карактер, да го прикажам најдоброто на терен, но и давам се од себе кога не сум на терен. Тогаш, кога ќе влезеш во игра, мораш да дадеш се од себе. Верувам дека сум најдобар напаѓач на Ливерпул“, рече Стариџ за Скај Спортс.

Тој додаде дека ги почитува одлуките на тренерот.

„Тренерот го бира тимот, па кога во некој момент мисли дека не сум најдобар напаѓач, тоа е негова одлука. Морам тоа да го прифатам, не можам да бидам вознемирен поради тоа. Јас сум амбициозен играч, амбициозна личност. Сакам да бидам најдобар, сакам да ме паметат како најдобар наоаѓач и да помагам на екипата да освојува трофеи. Освен освојувањето на трофеи, што не сме направиле во последните четири години откако сум овде, играв добро“, наведе Стариџ.

Фудбалерите на Ливерпул играат денеска од 17 часот против Манчестер Јунајтед на Олд Трафорд, во дербито на Премиер лигата.

Тоа ќе биде нивен 50 дуел во Премиер лигата, Манчестер Јунајтед сосега победи 27 пати, Ливерпул девет пати беше подобар, додека 13 натпревари завршија со нерешен резултат.

Ливерпул загуби во 11 од последните 14 првенствени натпревари на Олд Трафорд.