Полесен тренинг на Шпанија против Ангола, трета победа на Хрватска на ова СП

Уште два натпревари се одиграа од третото коло од групната фаза на СП во Франција.

Репрезентацијата на Шпанија ја декласира Ангола со 42:22 во натпревар од третото коло од групата Б.

Шпанците како фаворити влегоа во натпреварот и отворија со серија на Костоја и Фернандез, 2:0. Фернандез, Гвардиола и Балагуер зголемија на 5:1.

Следуваше серија од шест погодоци на шпанската репрезентација за 11:2 после единаесет минути игра на паркетот. Валеро Ривера во 25-та минута од првото полувреме погоди за двоцифрена предност на Шпанија, 19:9. 

На полувреме Шпанија имаше водство од 11 погодоци, 21:10.

Доминација на Шпанија и во второто полувреме. Многу лесно стигнаа до третата победа на СП, а Ангола го запиша третиот пораз на ова СП.

Шпанија на крајот славеше со 42:22. Анхел Фернандез со 9 погодоци беше најефикасен кај Шпанија. Вардарците Алекс Душебаев и Жоан Канелјас постигнаа вкупно 5 погодоци. 4 Душебаев, а 1 Канелјас. Кај Ангола најефикасен беше Лопес со 6 погодоци.

 

Хрватска ја совлада репрезентацијата на Белорусија со 31:25 во натпревар од третото коло од групата Ц.

Хрватите со погодоците на Хорват, Степанчиќ и Штрлек стигнаа до водство од 5:2. Јурнјок постигна два погодоци во низа и ја намали негативата на Белорусија на еден погодок, 6:5.

Хорват и Контрец погодија два погодоци во низа за 12:9. Каралек и Рутенка одговорија со иста мерка на серијата на хрватите и ја вратија негативата од еден погодок на Белорусија, 12:11.

Двата погодоци на Циндриќ и едниот на Штрлек му донесоа водство на Хрватска од 16:12. Рутенка во последната минута од првото полувреме погоди за 18:15.

Шилович и Рутенка намалија на еден погодок негатива, 19:18. Мандалиниќ и Хорват погодија за 21:18.

Двата погодоци во низа на Каралек му донесоа на Белорусија само погодок негатива, 21:20. Два пати Дувњак, по еднаш Хорват, Михиќ и Мандалиниќ десет минути пред крајот на натпреварот погодија за 28:22.

Јурнјок и Каралек намалија на четири негатива со два погодоци во низа пет минути пред крајот на натпреварот, 28:24. Хрватска на крајот славеа со 31:25.

Лука Циндриќ со 8 погодоци ја предводеше Хрватска со 8 погодоци на овој натпревар. Кај Белорусија најефикасен беше Артсем Каралек со 7 погодоци.