Само дома си е дома: Тевез се врати во Аргентина!

Аргентинецот Карлос Тевез се врати во Бока Јуниорс, откако 12 месеци пред завршување на договорот ја раскина соработката со Шангај Шенхуа.

Поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити и Јувентус стана фудбалер на Шангај во декември 2016-та година, кога потпиша договор вреден 40 милиони фунти. Тогаш стана и еден од најплатените фудбалери во светот, со наводна плата од 615.000 фунти неделно.

„Тевез дојде дома. Веќе се приклучи на тимот и го одработи првиот тренинг.“, соопштија од Бока Јуниорс.

Ќе биде ова трет пат Тевез да го носи дресот на Бока Јуниорс, за која играше од 2001 до 2004-та година, па потоа во сезоната 2015/16.