Словенија вечерва од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје го игра последниот натпревар во Групата 1 од Лигата Б во Лигата на нациите против Македонија. Селекторот Боштјан Цесар пред патувањето најави дека неговиот тим нема да калкулира, пренесува Шпорт ТВ, повикувајќи се на словенечката агенција СТА.
„Нема калкулации. Ние сакаме на секој натпревар да играме добро и да освоиме три бода. Ако бидеме вистински, а верувам дека ќе одиграме добар натпревар, и резултатот ќе биде на наша страна“, изјави Цесар во неделата, пред тренингот на Брдо при Крањ и попладневното патување за Скопје.
Швајцарија со 13 бода веќе го обезбеди првото место и пласманот во Лигата А. Словенија е втора со осум бода, Шкотска е трета со седум, а Македонија е последна без освоен бод. На Словенците за второто место, кое носи бараж за пласман во Лигата А, би им бил доволен и пораз доколку Шкотска не победи во Швајцарија, бидејќи имаат подобар меѓусебен учинок со Шкотите, пишува Ногоманија.
Словенија во Скопје ќе игра без стандардниот стопер Јака Бијол, кој е казнет поради жолти картони, а одредени здравствени проблеми има и дефанзивецот Давид Брекало. „Имаме одредени проблеми со картоните кај Јака Бијол, па ќе направиме соодветна замена. Секој досега играше добро и верувам дека така ќе биде и утре“, рече селекторот.
Цесар нагласи дека стручниот штаб добро ја анализирал Македонија. „Ги познаваме добро, игравме со нив пред еден месец дома. Очекувам тежок натпревар. Македонија има добри играчи, добри поединци, сака да игра и да ја држи топката, но ние мора да бидеме компактни“, изјави тој. Словенија на првиот меч во Љубљана победи со 2-0.
„Мора да бидеме агресивни од првата минута и да го држиме ритамот како против Швајцарија. Против Швајцарија физички бевме исклучително добри. Очекувам максимална борбеност од првата до последната минута, и од оние што ќе влезат во игра“, додаде Цесар.
Словенија основната цел, опстанокот во Лигата Б, веќе ја оствари. „Сега целта е второто место. Никогаш никој не ни подарил ништо, така е и во оваа група. Знаеме дека за кратко време ја придобивме публиката, но меѓу нас сигурно нема еуфорија“, порача селекторот.
Двете репрезентации досега одиграле осум меѓусебни натпревари, на кои Словенија забележала две победи, два нерешени резултати и четири порази. Словенија е 52ра, а Македонија 74та на ранг-листата на ФИФА. Натпреварот ќе го суди Холанѓанецот Сердар Гезубујук.
















