Шкендија моќно против Пелистер, Работнички по старо

Екипата на Шкендија на крилата на капитенот Ферхан Хасани славеше убедлива победа против тимот на Пелистер.

Тетовци на гостински терен во Битола славеа рутинска победа од 3:1, деветта оваа сезона.

По само три минути игра Ферхан Хасани го отвори резултатот, а во финишот на полувремето истиот играч зголеми на 2:0. Во 74. минута последниот гол за Шкендија го постигна Жуниор, додека пак конечниот резултат ко постигна Матеј Цветановски во 75. минута.

Новиот тренер на Работнички, Горан Станковски и втор натпревар откако е на клупата на „романтичарите“ одигрува мирољубиво реми без постигнат погодок. Како што сме навикнати од Работнички и на натпреварот против Скопје немаше некои поубави шанси и истиот беше „тежок“ за гледање.

Силекс во Кратово беше поуспешен од Академија Пандев со 1:0, додека пак реми без голови одиграа и Ренова-Победа.