Гоце Седлоски седнува на клупата на Динамо Загреб?


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Интересни најави доаѓаат од Хрватска каде името на довчерашниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски силно се поврзува со тренерското место во Динамо Загреб.

Како што пишува „Јутарнји Лист“,  Гоце Седлоски би можел да го замени актуелниот шеф на стручниот штаб на „Модрите“, Марио Цвитановиќ.

Динамо Загреб за прв пат по подолго време остана без пласман во европските натпреварувања, откако во плеј-офот од Лигата на Европа беше елиминиран од албанскиот претставник Скендербег.

Затоа, на големо се шпекулира дека Цвитановиќ ќе ја изгуби работата, а главен кандидат за негов наследник е токму Гоце Седлоски.

„Покрај Шимуниќ, едно друго име е многу посериозен кандидат. Се работи за поранешниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски. Токму на темелите на неговата работа, Вардар за разлика од Динамо се пласираше во Лига Европа исфрлајќи го славниот Фенербахче откако го победи во двата натпревари. Како што веројатно знаете, Седлоски беше дел од „скопското чудо“, оваа сезона го исфрли Малме, дома победи со Копенхаген, а по поразот во Данска, изненадувачки си поднесе оставка која никој не ја очекуваше“– пишува меѓу другото угледниот хрватски медиум, „Јутарнји лист“.

Од весникот се обратиле и до Седлоски, кој одреден период од кариерата мина во Хрватска како член на Динамо Загреб и Хајдук. Седлоски кратко одговорил: „Голема е честа да се стане тренер на Динамо, но клубот од Загреб веќе има свој тренер.“

Дали Гоце Седлоски ќе биде предводник на Динамо Загреб во следната сезона останува да видиме во деновите што претстојат.