Реми со европскиот шампион за прво место во групата !!!

Репрезентацијата на Македонија одигра уште еден одличен натпревар на Европското првенство во Хрватска.

Избраниците на Раул Гонзалез храбро парираа со актуелниот европски шампион и последниот натпревар од првата фаза го завршија без победник, 25:25.

Германија имаше водство од 1:0, но потоа нашите ракометари ја презедоа играта во свои раце и со тактички извонредно поставена тактика од Гонзалез имаа резултатска предност по првите 15 минути. Потоа следуваше пад на концентрацијата кој одлично го искористи Германија и со серија од 5:0 го презеде водството. На пауза се замина со еден поен предност во корист на „Панцирите“ (12:11).

Во вториот дел видовме многу поизедначен натпревар во кој само еднаш нашата репрезентација дојде до три голови позитива. Сепак и тоа Германците успеаја да го анулираат за на крајот нашите ракометари да имаат шанса и за победа, но Столе Стоилов не успеа да го совлада германскиот голман од линијата од шест метри.

Најефикасен во нашиот состав беше Филип Талески со шест постигнати погодоци, а со по пет натпреварот го завршија Кире Лазаров и Дејан Манасков.

Македонија во следната фаза ќе префрли три бода и веројатно ќе стартува од втората позиција во главната фаза која ќе ја играме во Вараждин.