Фердинанд: На моите деца ќе им зборувам за Меси и неговата магија…


Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓


Барселона во првиот меч од полуфиналето во Лигата на шампионите на својот „Камп Ноу“ убедливо славеше против Ливерпул.

Каталонците на крајот славеа со убедливи 3:0 и веќе со една нога се во финалето, но впечатокот е дека резултатот е превисок со оглед на тоа што покажаа обете екипи.

Повеќе отколку за самиот меч се зборува за Лео Меси кој имаше вистинско свое шоу. Аргентинецот најпрво секоја надеж на гостите ја згасна со погодкот во 75. минута, а во самиот финиш се заокружи со фантастичен слободен удар, што беше всушност и негов 600. погодок во дресот на Барселона.

По мечот на Меси му се поклонија бројни фудбалски имиња, вклучувајќи го и Рио Фердинанд, кој денес работи како стручен консултант на каналот БТ Спорт.

„Феноменален играч, има дословно се и еден е од најдобрите на сите времиња. Можеби и најдобар. Чести ми е што сум сведок на неговата игра за која утре ќе можам да им зборувам на моите деца. Тој може да го одлучи секој натпревар“, истакна некогашниот дефанзивец на Манчестер Јунајтед.

Учинокот на Меси, меѓу останатото, го апострофираше и тренерот на Барселона, Ернесто Валверде.

„Меси секогаш изненадува. Слободниот удар беше од огромна оддалеченост и не знаев дека ќе шутира на гол. Не знам како го прави тоа, но успева секогаш и покажува дека ни е најпотребен. Внесува постојан страв во коските на нашите противници“, истакна воодушевениот Валверде.

Аргентинецот, како што се наведува, со двата погодоци против Ливерпул дојде до 600 постигнати погодоци во сите натпреварувања, а првиот го заби точно пред 14 години против Албасета.

Реваншот на средбата помеѓу Ливерпул и Барселона се игра на 7. мај на „Енфилд“ со почеток од 21 часот.