Пораз на МЗТ во АБА лигата од Мега Лекс


    До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст ↓↓↓


    Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром не успеаја да го задржат победничкиот моментот по триумфот над Карпош Соколи минатиот викенд, откако загубија на вечерашното гостување кај Мега Лекс со 72-87 (22-27, 16-15, 19-23, 15-22) во меч од 7. коло од АБА-лигата.

    Сино-белите се бореа максимално, дадоа сѐ од себе, но едноставно пресуди кусата ротација и отсуството на дури тројца првотимци (Дреновац, Клоф и Симоновски). Избраниците на тренерот Александар Јончевски речиси во сите 40 минути имаа резултатски приклучок зад противникот, кој иако водеше, сепак, постојано стравуваше од пресврт. Во повеќе наврати се заканувавме со такво нешто, но снемавме сили во решавачките моменти.

    Згора на тоа, српскиот состав имаше шутерски ден и погодуваше тројки секогаш кога МЗТ Скопје Аеродром имаше свој моментов. Ако на ова се додаде и катастрофалното судење на штета на нашиот тим, но и бројката од 24 загубени топки, тогаш е јасно зошто загубивме на гостувањето во Сремска Митровица со разлика која воопшто не е реална со оглед на прикажаното на паркетот.

    Американецот Џош Скот со 22 поени и осум скока беше убедливо најдобар кај аеродромци и тоа со само едно промашување од поле (6/7) и 10/12 од линијата за слободни фрлања. Јуре Лалиќ постигна 15 поени за 15 минути, а Ксавиер Темс застана на 13 поени. Стојан Ѓуроски имаше солидно деби со шест поени (две тројки) и пет скока.

    Нашиот тим веќе утре патува за Русија, каде што в среда ќе ги одмери силите со Нижни Новгород во рамки на Еврокупот. Шансата за втора победа во АБА-лигата, пак, ќе ја имаме следната недела, кога во „Јане Сандански“ ќе гостува Унион Олимпија.

     

    https://www.youtube.com/watch?v=gs0ay3jwf08&feature=youtu.be