Косово беше на чекор од првата победа во историјата против Австрија, но Кристоф Ланг во 85та минута донесе 1-1 на стадионот „Фадил Вокри“ во Приштина, во четвртото коло од Групата Б3 во Лигата на нациите, пишува ОРФ.
По прво полувреме без многу возбудувања, Косово подобро излезе од соблекувалната. Во 70та минута Едон Жегрова се проби по десното крило и ја врати топката за Фисник Асллани, кој влезе од клупа и прецизно погоди во левиот агол.
Домаќините можеа и да ја зголемат предноста. Само три минути подоцна Милот Рашица ја погоди столбата.
Ралф Рангник реагираше со тројна измена и во игра ги внесе Саша Калајџиќ, Кристоф Ланг и Марко Грил. Изедначувањето стигна по прекин: долго аут-фрлање на Кевин Дансо, Калајџиќ ја продолжи топката со глава, а Ланг со глава ја затресе мрежата.
За напаѓачот на ЛАСК тоа е прв гол за Австрија, постигнат на неговиот втор натпревар за репрезентацијата, наведува РТЕ.
Косово го води поранешниот австриски селектор Франко Фода. Неговата екипа на истиот стадион во првото коло ја победи Ирска со 1-0.
Австрија останува прва во групата со осум бода, а Косово е второ со пет. Ирска, која подоцна одигра 1-1 со Израел, исто така има пет бода, но е зад Косово поради меѓусебниот дуел.
















