Конфликтот меѓу двата најголеми грчки кошаркарски клуба се пресели пред дисциплинските органи. Олимпијакос официјално поднесе две пријави, до Евролигата и до Грчката кошаркарска лига, против Панатинаикос и сопственикот на клубот, Димитрис Јанакопулос, пренесува Eurohoops.
Јанакопулос прв ги објави пријавите на својот профил на Инстаграм, по што и Олимпијакос излезе со официјално соопштение. Сопственикот на „зелените“ веднаш одговори со нова објава, во која напиша дека раководството на Олимпијакос „не е способно да научи“.
Транспарент и навредливи пароли
Пријавата до Евролигата се однесува на натпреварот меѓу Панатинаикос и Басконија, одигран на 22 октомври во ОАКА. Според Олимпијакос, навивачите на Панатинаикос истакнале транспарент на кој пирејскиот клуб се обвинува за местење натпревари и нелегални исплати, а скандирале и навредлива парола во која се споменуваат судијката Василики Царуха, претседателот на Грчката кошаркарска лига Вангелис Лиолиос и тренерот Јоргос Барцокас, наведува Greek City Times.
Олимпијакос тврди дека Јанакопулос потоа ги споделил фотографиите и видеата од инцидентите на својот профил, со што, според клубот, дополнително ја проширил навредливата содржина. Од Евролигата се бара да покрене дисциплинска постапка и против Панатинаикос и против Јанакопулос.
Спорна објава во четири часот наутро
Втората пријава, до Грчката кошаркарска лига, се однесува на објавите на Јанакопулос од 23 октомври. Олимпијакос посебно ја издвојува објавата од околу четири часот наутро, во која е прикажана фотографија од Барцокас на прес-конференција, со пораки што клубот ги оценува како клеветнички, навредливи и заканувачки.
Во Олимпијакос сметаат дека една од пораките претставува закана кон Барцокас и ја поврзуваат со нападот врз тренерот во салата „Мир и пријателство“ во октомври 2014 година, по поразот од Панатинаикос во Купот на Грција.
Клубот од Пиреја, исто така, тврди дека Јанакопулос лажно го поврзал Олимпијакос со истрагата за подмитување и местење натпревари во која е обвинета судијката Царуха. Сите шестмина осомничени во овој скандал, во кој е вмешан и Лиолиос, веќе дадоа изјави и ги слушнаа обвиненијата.
















