Милвоки Бруерс за првпат во својата 57-годишна историја станаа шампиони во бејзбол. Тимот од Висконсин во петтиот натпревар од Светската серија ги совлада Тампа Беј Рејс со 4-1 на гостувањето во Сент Питерсбург и ја доби финалната серија со 4-1 во победи, пренесува Еј-Пи.
Бруерс досега имаа само еден настап во Светската серија, во 1982 година, кога загубија од Сент Луис Кардиналс. Франшизата беше основана во 1969 година како Сиетл Пајлотс, но по само една сезона се пресели во Милвоки.
Мисиоровски и Контрерас до трофејот
Милвоки поведе во вториот ининг, кога Купер Прат со удар му овозможи на Брајс Туранг да стигне до домашната база. Дејвид Хамилтон во петтиот ининг ја зголеми предноста на 2-0, а во шестиот Вилијам Контрерас со дабл и Прат со жртвуван удар го поставија резултатот на 4-0. Рејс единствениот поен го освоија дури во деветтиот ининг.
Стартниот фрлач Џејкоб Мисиоровски одигра пет ининзи без примен поен, пред грч во листот да го принуди да го напушти теренот во шестиот ининг. Тој го заврши плејофот со две победи и без пораз. За најкорисен играч на финалето беше прогласен 28-годишниот Венецуелец Контрерас, осмиот фаќач кој ја добил оваа награда, пренесува Би-Би-Си.
„Безброј луѓе ми рекоа дека го чекале ова цел живот. Секоја титула во Светската серија малку го менува местото“, изјави капитенот Кристијан Јелич за МЛБ.
Од најмалиот пазар до врвот
Бруерс доаѓаат од најмалиот пазар во МЛБ и имаат дури 19ти буџет за плати меѓу 30 клубови. И покрај тоа, втора година по ред го имаа најдобриот учинок во регуларниот дел од сезоната, со 103 победи и 59 порази. Во плејофот забележаа 11 победи во 13 натпревари, а во финалето на Националната лига без пораз ги елиминираа Лос Анџелес Доџерс, двократните бранители на титулата.
Рејс ја продолжија серијата со победа по 12 ининзи во четвртиот натпревар, но во петтиот немаа одговор. Победата ја следеа околу 31.000 навивачи на домашниот стадион во Милвоки, додека илјадници поддржувачи на Бруерс беа на трибините на „Тропикана Филд“.
Со оваа титула, на листата на клубови кои никогаш не ја освоиле Светската серија останаа четири франшизи: Сиетл Маринерс, Сан Диего Падрес, Колорадо Рокис и Тампа Беј Рејс.
















