Ирската атлетичарка Кира Мегин, европска шампионка во трката на 1.500 метри во 2024 година, почина на 34-годишна возраст. Тажната вест ја соопшти нејзиното семејство, а Мегин почина во неделата наутро по борбата со ракот, пренесува Гардијан.
„Во 6:30 часот утринава Кира ја загуби битката со ракот, опкружена со своите најмили. Сакана ќерка, сестра, сопруга, пријателка и инспирација за многумина, ќе ни недостасува многу“, се вели во соопштението објавено на нејзиниот профил на социјалните мрежи.
Мегин во јули 2025 година откри дека има дијагноза рак на дебелото црево во четвртиот стадиум. Само неколку недели пред смртта, во октомври, се омажи за својот партнер Томас Моран.
Атлетичарката од Портафери, во Северна Ирска, влезе во историјата на ирската атлетика во 2024 година, кога во Рим стана европска шампионка на 1.500 метри. Таа е втората ирска атлетичарка по Соња О’Саливан со поединечна европска титула, наведува Светската атлетика.
Во својата кариера Мегин освои и европско сребро во 2022 година и бронза во 2016 година, како и бронза на Европското првенство во сала во 2019 година. На Светското првенство во Будимпешта во 2023 година беше четврта, а сребрен медал освои и на Игрите на Комонвелтот во Бирмингем во 2022 година.
Настапи на две Олимписки игри, во Рио де Жанеиро во 2016 и во Токио во 2021 година, а Игрите во Париз ги пропушти поради повреда на Ахиловата тетива. Кариерата ја заврши како рекордерка на Ирска на 800, 1.000 и 1.500 метри, како и во трката на една милја.
Својата кариера ја започна со сребро на 800 метри на Светското првенство до 18 години во 2009 година, а една година подоцна освои сребро и на 1.500 метри на Светското првенство до 20 години.
Сочувство до семејството изразија ирскиот премиер Михол Мартин и вицепремиерот Сајмон Харис, кој ја опиша веста како срцепарателна. „Таа беше европска шампионка, двократна олимпијка, горда ирска атлетичарка и извонредна личност“, изјави Харис.
„Кира беше многу сакана и инспиративна личност која допре до животите на многумина. Нејзината храброст, топлина и дух ќе остават трајно наследство“, се вели во соопштението на Атлетската федерација на Ирска.
















