Цела стартна петорка на Денвер неизвесна по ноќта во Мексико

Никола Јокиќ во дресот на Денвер
Фото: Keith Allison / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Денвер нагетс имаше едно од најтешките патувања во последните години. По победата над Индијана со 112-102 во Мексико Сити, тимот требаше веднаш да отпатува за Хјустон, но проблемите со авионот го задржаа во мексиканската престолнина речиси цел ден.

Според хронологијата што ја објави новинарката на телевизијата Алтитуд, Кејти Винџ, а ја пренесе Денвер спортс, автобусите со играчите пристигнале на аеродромот во 21 часот по локално време, кога било откриено дека авионот има дефект.

Резервниот дел пристигнал во еден часот по полноќ, а играчите веќе седеле во авионот. По поправката, во 3:25 часот сите морале да излезат бидејќи вратата на авионот не можела целосно да се затвори. Тимот се вратил во хотелот во пет часот наутро.

https://x.com/nuggets/status/2119565557649604821

Нагетс полетаа дури во неделата во 16:54 часот по локално време, повеќе од 21 час откако го напуштија салонот. „Една од најлошите ноќи на патување што ги паметам“, напиша Винџ.

Набргу потоа клубот го објави извештајот за повредите пред гостувањето кај Хјустон, во кој сите петмина стартери и Демар Дерозан се наведени како неизвесни. Никола Јокиќ има истегнување на десниот лакт, Џамал Мареј контузија на левата потколеница, Кристијан Браун контузија на листот и болест, а Арон Гордон и Камерон Џонсон се наведени поради контролирање на оптоварувањето.

Дерозан и понатаму има проблеми со грбот, а Џулијан Строудер е надвор од терените поради истегнување на коленото, пишува Денвер газет.

Во победата во Мексико Сити, Јокиќ имаше 19 поени, 13 скока и осум асистенции за 35 минути, а Камерон Џонсон беше најефикасен со 18 поени. Мареј со тројка од речиси девет метри го запре налетот на Индијана, откако предноста од 27 поени се стопи на едноцифрена разлика.

Хјустон, со учинок од седум победи и три порази, ќе биде без Стивен Адамс и Клинт Капела на натпреварот што по македонско време се игра во ноќта меѓу понеделник и вторник.