Македонската атлетичарка Ева Митевска оствари голем успех на Младинските олимписки игри во Дакар, пласирајќи се во финалето на трката на 100 метри. Во финалето истрча 12,28 секунди и го зазеде осмото место.
Резултатот е постигнат со ветер во грб од 2,4 метри во секунда, што е над дозволената граница од два метри, па времето нема да биде признаено во статистиката, покажуваат официјалните резултати на Светската атлетика.
Митевска до финалето стигна преку полуфиналните трки, во конкуренција на атлетичарки до 18 години од целиот свет.
Златниот медал го освои Нигеријката Розмери Нванкво со 11,16 секунди, среброто го освои Арва Али од Обединетите Арапски Емирати со 11,41 секунди, а бронзата ѝ припадна на Дана Салем од Катар со 11,48 секунди.
Нигерија оствари двојна победа во спринтот, бидејќи кај момчињата 15-годишниот Гифт Брајт победи со 10,28 секунди, што е нов рекорд на игрите, пишува Светската атлетика.
Со пласманот меѓу најдобрите осум, Митевска испиша значајна страница во историјата на македонската атлетика на најголемата сцена за млади спортисти.
Првиот ден од атлетската програма донесе и нови рекорди. Кинеската атлетичарка Кеји Џанг ги истрча 100 метри со препреки за 13,17 секунди, што е нов азиски рекорд до 18 години и рекорд на игрите, а Кенија славеше во трката на 2.000 метри со пречки и во трката на 3.000 метри.
Младинските олимписки игри во Дакар се првиот олимписки спортски настан што се одржува на африканскиот континент. Атлетските натпревари траат до 10 ноември, а игрите завршуваат на 13 ноември.
















